Оксиморон






         зависност од независноста

јули 14, 2010

Рестартирање

Filed under: општество — оксиморон @ 13:46
Ознаки:

Чекирај се во 8:30 и потоа пак во 16:30. Во меѓувреме немој да размислуваш, не е во опис на работно место и задачи. Исклучи го мозокот и вклучи го компјутерот. Движи се помеѓу мноштвото работни апликации со различни кориснички имиња и пасворди. Немој некогаш да заборавиш некое од нив. Нелогиран – неприсутен. Спроведувај инструкции и наредби. Не барај логика, не е твој домен – немаш пристап. Не греши, биди прецизен. Не постои техничка грешка. Ниту грешка на системот. Секоја грешка се третира како лична, намерна и со умисла.  Не губи време за самопроверка. Не е предвидено а немаш ни дозвола за тоа. Секое двоумење представува показател за нестручност. Во секој момент можеш да бидеш повикан за одговорност. Таа ти следува повеќе од платата. Фактот дека многумина немаат можност за плата нека ти биде мотивирачки елемент за опстанок. Заборави на инстинктите. Внимавај на камерите. Големиот брат пази на тебе. Љубезната насмевка е дел од униформата. Носи ја прописно и уредно. Ништо не боли. И кога боли – ништо не ти е, добро си!

Семејството – општествена клетка со детерминирани општествени правила. Со точно дефинирани особини на членовите и нивни  меѓусебни релации. Надградени и контролирани воспитни мерки, врамен образовен процес, катастраски исцртана сопственост и куп хартии на институционалниот поредок.  Права и обврски за интеграција  во системот.  И редовни сметки за одржување на истиот.  Се во служба на твоја заштита и сигурност.  Насмеани лица на маж, жена и неколку деца во зелено дворче пред семејна куќа. Постер на билборд за нова кредитна линија од некоја банка.

Како дел од потрошувачко општество купувај, троши!  Ти заслужуваш да си го дозволиш тоа. Целиот систем се храни и облекува со тебе. Само редовно плаќај сметки.

Следи медиуми, биди информиран за се она за што тие сметаат дека треба да бидеш информиран. Пермаментно учи, надоградувај го своето знаење по утврден принцип и област. Сите восприемени податоци ќе бидат применливи некогаш. Ќе ти кажат кога. Ќе го вклучат копчето. Чувај ги неоштетени за да не ти се блокира системот тогаш. Не мачи се да креираш приоритети. Некој друг го направил тоа за тебе. Биди благодарен. Биди среќен. По дифолт.

„Немој, ме повредуваш. Зошто го правиш тоа?“ – прашува роботот.

Додека од една страна се прави обид да се создадат машини кои ќе изгледаат, ќе размислуваат и чувствуваат како луѓе – од друга страна успешно се програмираат мислите и чувствата кај луѓето.

Науката се обидува да создаде роботи со чувства.  Општеството луѓе без чувства.

март 17, 2010

Ток Шоу – Дуел со Бранко

Filed under: политика, сеир — оксиморон @ 10:17
Ознаки:

Лидерот на опозицијата бара ТВ дуел со лидерот на позицијата т.е. премиерот на РМ. Бил подготвен да разговара за се‘ за да можел народот да процени кој е во право. Мора да се признае -  добра самопроценка направил . Освен ефтина забава од типот на Ток Шоу-а, друго ништо и неможе да му понуди на народот.

Народот проценува на избори Бране. А резултатите од последните 3-4 изборни цуклуси ги знаеш. Проценет си.

Затоа батали политички пресметки, ионака си пензиониран на тоа поле. И официјално. Но, со оглед на твојот талент за Дуели, сеуште има надеж за тебе. Штета е да пропадне таква вештина. Ти си добар лидер. Водач. Водител. Кога ќе се спои тоа со желбата за ТВ Дуел, би се добила одлична комбинација – водител во Ток Шоу „Дуел со Бранко“!  Секоја недела во петок навечер. Додека на А1 оди „Опуштено“ со Тони и Део, на Сител „Кој те шиша“ со Жаре Бербер, на Канал 5 „ Миленко шоу“ а на Македонската телевизија (прва програма) „Гласот на народот“ со Томич – на Алфа ТВ нека биде „ Дуел со Бранко“ .  Изедначена борба за гледаност ќе биде тоа.  Ако се избалансираат добро рекламите (со меѓусебен договор, де) ќе може човек да изгледа барем две Шоу-а во исто време.

Кога веќе споменавме реклами, секое квалитетно Ток шоу има и квалитетни спонзори кои се рекламираат во истото. Додека „дуализираш“ со гостите, ќе си пиете Скопско пиво а гледачите ќе имаат шанса преку СМС да освојат награда – „краток курс за шверцување“ или „обука за брза приватизација на 2 години со законски пречки“.

Ма, ќе биде тоа хит шоу! И ти во елемент. На елементарно ниво. Во македонскиот политичко-забавен периоден систем.

март 1, 2010

Наше, а светско!

Filed under: општество, сеир — оксиморон @ 23:03
Ознаки: , ,

Македонската жена е модерна жена. Има француски маникир и бразилска депилација. Чекори во италијански чевли, а вози германски автомобил. Учи да игра аргентинско танго. Сонува американски сон. Се негува како египетска кралица.

Македонската жена е и вешта жена. За свечености редовно приготвува руска салата и морски специјалитети,  па ги сервира на шведска маса декорирани во јапонски стил. Засладува со швајцарска чоколада и тирамису. За интимни вечери подготвува лазањи или шпагети Болоњезе.

Се интересира за уредување на домот според Feng-shui. Тајно пазари во кинески шоп.

Македонската жена е горда и еманципирана. Празнува 8ми март со шопинг во Солун. Нејзе грчката политика и е шпанско село. А таа сака шпански серии. Пие турско кафе додека ги гледа. Додуша, во последно време има замена на потеклата на кафето и на серијата. Но суштинска разлика нема.

Македонската жена е светска жена.

Жена со големо Ж.

Спорна е само придавката пред него.

јануари 26, 2010

Поддршка со задршка

Filed under: општество — оксиморон @ 22:55
Ознаки:

Се тешка интелектуала наоколу….

Влегуваш во WC по повик на мајката природа и застануваш пред писоарот. И ете ти одма до тебе некој  паметњакович. Те гледа и упатува забелешка дека накриво мочаш. Погледнуваш надоле и констатираш дека навистина има мало застранување! Ама, сепак, останува во рамките на писоарот. Типот до тебе почнува со експертиза дека треба да се насочиш правилно, да вдишуваш преку нос а издишуваш преку уста, да вовлечеш стомак, нозете раширени на прецизно растојание, да го држиш под „тој и тој“ агол….  Слушаш, слушаш и – сфаќаш дека ти треба помош. Види шо убаво објаснува човекот, сигурно знае како треба. Па логично ти доаѓа прашањето: „а да го подржиш малце?“ И, експертот интелектуално се навредува!!! Те напаѓа вербално „гони се бе педер!“ А ти само си побарал практична демонстрација на тоа што тој теоретски го образложува. Без никаква задна/предна/странична намера.

Толку многу експерти наоколу кои знаат и умеат се‘,  а не сакаат да дадат поддршка на владата….. од чиста суета! :)

јануари 17, 2010

Све ќе то мила моја прекрити рузмарин, снегови и шаш…

Filed under: општество, политика — оксиморон @ 16:09
Ознаки:

Во 2000та година, кога се отворија архивите и секој имаше можност да побара и добие информација дали за него се воделео досие од службите за безбедност (и да го добие истото доколку постои), имав можност да разгледам едно. Досие на личност која по професија беше лекар. Велам „беше“ зашто таа личност повеќе не е жива. Но досието сеуште го имаат неговата ќерка и внуци. Во него еден дел од имињата на информаторите беа прешкртани со црн фломастер, но еден дел беа оставени. Меѓу тие читливите, беше и името на еден негов колега лекар. Во времето кога човекот ми го покажа своето досие, „информаторот“ беше инволвиран во политичкиот живот на локално ниво. Сега е пратеник во собранието на РМ.

Деновиве читам за првичните резултати од работата на Државната комисија за спровдување на лустрацијата. Долго најавуваната и подготвувана лустрација, надуена како шарен балон – ја покажа својата празна внатрешност. Хелиум за создавање на смешни изјави. Од досегашното истражување, Комисијата не успеала да најде ниту еден податок за инволвираност и соработка со службите за безбедност во минатото кај голем дел од актуелните избрани функционери. Истражувањето им се базира на досиеја дадени на увид од Државниот архив и органите на Државната безбедност на РМ. Ме интересира дали досиејата кои и се на располагање на Комисијата за вршење на нивната работа се исто така со прешкртани имиња или членовите на комисијата имаат увид во оригиналните? Која е смислата на истражување доколку се работи за досиеја во кои најважниот елемент за функционаност на комисијата е под црн фломастер? Гол формализам. Бараме да не најдеме. Или ќе почекаме да се изумат ренген наочари кои гледаат напишано под фломастери.

Владата го поминала тестот. За младите избрани функционери нема сомнеж, но што со постарите? Оние кои со децении наназад биле и тоа како инволвирани во општествениот живот? Во време кога точно се знаело кој со каква дејност може да се занимава и каков бил принципот за кариера?

Чекам да заврши истражувањето во однос изјавите на пратениците. Живо ме интересира дали личноста спомената во почетокот на текстов ќе излезе „чиста“. И уште колку „чисти“ како него има, за кои не знаеме?

Затворите ни биле полни со политички затвореници, архивите полни со досиеја, општествено-политичкиот напредок „генетски кодиран“ и наследен низ генерациите…. ама кодоши нема! Освен во народните песни. Како етно елемент. Со тек на време и тие ќе се едитираат. Почнува ребрендирањето…

јануари 4, 2010

Следееечи!

Filed under: сеир — оксиморон @ 21:36

Откако се ослободија од пушачите, поборниците за чист воздух и здрави бели дробовија ја подготвуваат следната фаза од својот план за елиминација на загадувачите.  На многумина им сметаат издувните гасови од автомобилите. Во изработка е предлог закон за забрана на возење автомобили низ градовите. Ограничување на нивната употреба во почеток само на одредени улици, а потоа и целосна забрана.

Можеш да си купиш ама не и да возиш.  Ќе се одстранат белите линии од улиците. Целиот град да биде пешачка зона. На влезовите во градовите, веднаш до таблата за добредојде ќе стои табла со прешкртан автомобил.  Забрането.  Автомобили само на автопат.  И тоа,  на километар одалеченост од градот.
Задолжителна кампања со сликовит опис што им прават издувните гасови на белите дробови. И налепница со предупредување на секој автомобил.
Важи и за мотори, автобуси, камиони….

Се шушка дека после овој закон ќе се испитува и употребата на полиестерот во ткаенините за потребите на кампањата по повод законот „само чист памук“.

Во најголема тајност се правело и нацрт закон за забрана на капење во реките и езерата (океан немаме на жалост… или среќа :)  ) за да се спречи нивно загадување од човекот.

А јас во пуста луда надеж дека ќе се најде една забрана и за рекламите во филмовите.

Пред да се  самозабраниме како човечки суштества…

Здравје!

Ма колку нездраво и да звучи.

декември 20, 2009

Имунитет

Filed under: општество — оксиморон @ 22:07

Имунитетот е способност на организмот да ги препознае туѓите тела кои го загрозуваат и да се заштити од нив. Под туѓи тела кои штетно делуваат на нашиот организам ги вбројуваме разните бактерии, вируси и паразити. Имунолошкиот состав има улога да ги препознае, неутрализира, уништи и одстрани истите во процес кој се вика имунолошка реакција. Имунитетот функционира како механизам чија улога е воспоставување на бариера кон напаѓачите на организмот. Може да биде вроден или стекнат, активен или пасивен.  Претставува еден вид интеракција помеѓу нас и нашата околина.

Кога нашиот имунитет е слабо активен, подложни сме на разни инфекции и заболувања, а неговата хиперактивност значи предиспозиција за алергии т.е. автоимнуни болести (кога организмот реагира на сосптвеното ткиво).

Само доколку нашиот имунолошки систем функционира добро, нема да се разболиме и покрај нападите од причинителите, а нема да имаме ни алергиски реакции.

Кога отвораме весник, или менуваме низ каналите на ТВ – насекаде вести, интервјуа, дебатни емисии, партиски препукувања, експертизи кои ни го напаѓаат здравиот разум. Исти луѓе, исти теми, исти демагогии, исти флоскули, само различен медиум.  Покачена температура од вештачки одржани жешки теми,  размрсулавени ставови, изгребани грла од искашлани остри зборови, расфрлани наоколу секакви телесни секрети. Интелектуални бактерии, медиумски вируси и пропагандни паразити. Ваквата изложеност е вистински тест за нашиот имунолошки систем.  Ќе сочуваме ли здрав памет?!

 Имунитетот се јакне со здрава исхрана, редовен сон и физичка активност.

Значи, помага ако се храниме со добра литература, уметност и култура (да, она што речиси го нема во медиумите). Регенерирање со квалитетен одмор од сите медиумски препукувања, пресови, дебати и наметнати мислења за исто така наметнати прашања. И физичка активност во смисол повеќе прошетки и физички контакт наместо виртуелен, печатен или мултимедијален.

 Кога веќе нема вакцина за разумност…

Утешно – После инфекција, организмот развива способност за одбрана од идни напади на истиот причинител. 

септември 13, 2009

Врска без врска

Filed under: општество — оксиморон @ 17:54
Додека следам вести на дневните ни медиуми, исполнети со политички настани, еден детал ми запна за очи. Вратоврските. Мало парче ткаенина врзано околу вратот на специфичен начин. Во разни бои и дезени. Ама изборот е строго детерминиран, во зависност од приликите и… за наши услови, политичката припадност! Еве, вчера додека даваа снимки од конгресот на СДСМ каде се промовираше нивната програма „Решенија за Македонија“ – сите машки претставници беа врскосани. Без оглед на дезенот, бојата на вратоврските варираше од бела, преку сина до златна. Мислам дека забележав и некоја виолетова. Но ниедна црвена ниту портокалова. За разлика од нив, претставниците на владејачката партија – ВМРО-ДПМНЕ се утепаа од носење портокалови и црвени вратоврски. Ај белја, си викам , зар и вратоврските добија политичка конотација? Да не знае човек што да облече, оти одма ќе му припишат некое својство кое ни самиот сеуште не знае дека го има…..
 
Ме обзеде мислата за вратоврските и не ме пушта. Која е улогата на тоа парче ткаенина? Освен моден детал, претставуваат и некаков статусен симбил. Кој ги вовел, како станале толку популарни, имаат ли и некоја практична примена? Зошто секоја свечена ситуација налага носење вратоврска? Од каде толкаво значење? Кажува ли нешто одредено нивната форма, големина, дезен, боја, начин на врзување? Па седнав пред компјутер да пребарувам низ интернетот. Најдов куп референци кои нудат одговори за потеклото и историјатот на вратоврските. Потекнуваат од Хрватска,  како дел од униформата на нивната војска уште во 16 век. Врзаните марами околу вратот означувале чин. Парчето ткаенина околу вратот на обичните војници било од груб материјал, а кај благородниците од свила или фин памук. Во 1635 година околу 6 000 војници и витези пристигнале на францускиот двор како подршка на францускиот крал Луј 13 и останале во служба повеќе години. Деталот околу вратот на хрватските платеници набрзо станува моден хит на францускиот двор и буржоазијата почнува да го носи како како симбил на елеганција. Вистинска нивна промоција прави Луј 14. Поради угледот кој го уживале францускиот крал и благородници, набрзо овој моден детал се раширил низ цела Европа. Оригиналното име останува „Cravate“ и го означува потеклото на овој куриозитет. Хрватите се горди на својот „изум“ и имаат дури прогласено национален празник на Вратоврските (18 октомври) а имаат и Музеј на Вратоврските во Загреб. Исто така, имаат и сајт кој нуди полно информации за потеклото, значењето, бонтонот…. ма се што ве интересира за вратоврските како поим. 
Е сега, мене ме интересира дали има и кој е панданот на вратоврската во женската гардероба? Потпетиците?Градникот? Накитот? Ама, никаде нема правило „само со потпетици/градници/накит“ за женската популација, како што има востановено правила „само со вратоврска“ во одредени ситуации и објекти за машката популација. Модата од секогаш била на страната на женскиот пол, дури повремено ги воведува вратоврските и во женската гардероба, но сепак тие останале како специфика на машкиот пол. Како околувратник на кој е прикачен синџирот на општествените прилики и униформирани правила.
Како на вратот ѓердани, 
разни вратоврски студени
така на плешки правила, 
легнале та натежнале!
Вратоврски ли се вратоврски
општествени маки големи
стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро сина понеси, 
навечер црвена донеси. 
Ај пуст да е,
пуст да би останал
животот врскосан! 

септември 8, 2009

Независност?

Filed under: општество — оксиморон @ 20:16

Знам дека со текстов ќе предизвикам гнев кај добар дел од вас, но одредена доза на гнев е сепак добра како движечка сила.  Гневот е една од фазите, веднаш после неверувањето, а пред тагата во процесот на прифаќање и надминување на немилите случувања.

Денес славиме 18 години од одлуката за независност на граѓаните на Република Македонија. Претходните 46 години, пред таа одлука, бевме во федерација со уште шест други републики. Периодот пред таа федерација е исполнет со потчинетост на бројни окупатори, со повремени искри од неколкудневни прогласувања на независност како резултат на востанија во обид за ослободување. Треба да копаме навистина длабоко низ историјата за да наидеме на артефакти за слободата и независноста на овие простори и овој народ. Но, вештината за ископување не ни е доволно совладана, па со секое копање земјата си ја фрламе на грб и истовремено се закопуваме себе си. Не, не станува збор за прашање на техниката туку на логистиката. Процесот е комплексен а ние искомплексирани.

Значи, денес славиме независност. Точно е – имаме сопствена држава со сопствен парламент и  влада, сопствена војска и полиција, сопствена валута, сопствено образование, сопствена царина, сопствена економска политика (хм…), сопствени закони,  сопствен суд…. но, дали и покрај толкава сопственост сме навистина независни?

Излеговме од една федерација која имаше заедничка валута, заедничка војска и полиција, заедничка царина, заедничко судство, заедничко образование (предавано на соодветен јазик во соодветните републики), заедничка економска политика, заеднички парламент и влада во чиј состав беа претставници од засебните (сопствени) влади….. и се стремиме кон влез во унија со друга заедничка валута, заеднички воен сојуз, заедничка меѓусебна бесцаринска политика, заеднички закони и принципи на образование, заедничка економска политика, заеднички европарламент….  А таа аспирација за влез во новото заедништво не прави толку многу зависни, до степен што почнуваме сите НАШИ одлуки да ги правдаме со НИВНИТЕ стандарди. А ваму, независни сме…

Во првото заедништво бевме секогаш потценети и искористени, а во второво уште не влезени самите си го правиме истото. Копнееме за интегрирање како употребена  гума за џвакање фрлена на улица што копнее да се интегрира во нечиј ѓон.

Знам, ќе речете – не можат да се споредуваат овие два вида на заедништво, различен принцип на организираност имаат. Точно е. Но заедништво е заедништво – обврзува и одредува заеднички правила! 

Единствена независност на која можеме да се повикаме е периодот помеѓу излезот од едно заедништво и влезот во друго. Нашето „сега“. Минатото нека го зад нас, иднината уште не е дојдена. Сегашноста е наша. Но апсурдно, и таа независност е исполнета со куп зависности – зависни сме од мислењето на соседите, зависни од дневно-политички настани, зависни од партиската поделеност, зависни од невладините пари, зависни од фондовите и грантовите, зависни од бенчмаркови, зависни од преплатените медиуми, зависни од мислењето на евро претставиците, зависни од аспирацијата за влез во унијата, зависни од модерните перачи на мозоци, зависни од…. ма, зависно независни сме од независноста!

Каква-таква, наша си е независноста која ја имаме и нека ни е честита!

 

П.С.Дали ако еден ден станеме дел од таа унија и истата по одреден период се распадне ќе славиме нов ден на независноста?

До следната независност – среќно! 

август 5, 2009

Хм…

Filed under: општество — оксиморон @ 15:13

 Велат дека човек учи цел живот. Се согласувам со тоа. Па, откако заврши школската година, си земав и јас распуст. Ми следува како ученик, бре!  Се фрлив на шетања и забави, спиење до доцна, легачење максимално. Освен музичките канали на телевизија, сите други фатија пајажини. Интернетот доби форма на туристичка агенција – разгледување на понудите за забава и одмор. Јадам, спијам, шетам, се забавувам. Шо било убаво кога си на распуст!

 Е, ама пред некој ден, ми проработи совеста. Илинденски празници се слават, значи привршува распустот. Па да земам да прочитам некоја лектира, де. Ја позабришав прашината од каналите на националните ни телевизии, отворив тоа сајтовите на дневните ни медиуми. Да видам што сум пропуштила, да се подготвам за тешката есен која не чека. Оно, нашиот дневно-политички живот ти е како шпанска серија – постојано нешто се случува, ама во суштина дејството се развива бавно. Така да, и да пропуштиш неколку епизоди – немаш гајле! Плус, во секоја од новите епизоди задолжително се спомнуваат „значајните“ случки од претходните. Ма, по само две  изгледани епизоди (макар и од средина) го дознаваш целиот историјат на серијата.

 Го гледав преносот од чествувањето на Илинден на Мечкин Камен. Се убаво, организација на ниво. Тројца претседатели присутни, а народ никаде. Имаше повеќе обезбедување отколку публика. Додуша, нашите претседатели никогаш и не дејствувале заради публиката т.е. народот. Доволни се сами на себе. Значи, впечатокот од соодносот е реален. Сакам кога се така принципиелни. Од колоритната драмска постава за доловување на историскиот настан кој се слави, вниманието ми го привлече една девојка во темно црвен фустан. Едноставниот црвен фустан без ракави, од колениците надоле беше целиот исечен во реси. Види бре, си реков, и Индијанците учествувале во Илинденското востание! А ги  нема во уставот. Срамота. под итно да се стават во преамбулата. 

 Како што знаеме, имаме повеќе Илиндена и повеќе прослави на различни локации по тој повод. Државното уредување  ни се дели на законодавна, извршна и судска власт.  Па така ни се делат и прославите. Ако на едната локација е извршната, на другата е законодавната. Судската ни е на одмор периодов. Е, ама извршната власт ни е своевиден оксиморон, па тука егзистираат взаемно и претседателот и премиерот (т.е. владата претставена со него). Се мешаат како масло и вода. Понекогаш функционираат и како термометар за утврдување на политичките жештини во државава. По бројни осицилации, сега за сега е умерено. 

 Значи, додека претседателот на државата зборуваше на една локација, претседателот на парламентот на друга а претседателот на владата на трета.  Тафтологија во боја.

 Внимателно го слушав говорот на премиерот во Трново. По краткиот осврт на историјата и минатото, се сврте кон денешницата. Неизбежна тема беше и актуелната светска економска криза, која не ја заобиколи ни Македонија. Како дел од светот, де. За нешто и ние да сме во тренд, светски. Тука, на темава, премиерот ни имаше премногу повикување на надворешни авторитети. Обама рече вака, Оли Рен така, Меркел онака….ги нареде еден куп. А што викаш ТИ премиере? – гласно изговорив, така сама пред телевизорот. Оти ТИ си Македонија, нели?  Ја прегризав устата веднаш, оти следуваше импресивен извештај за сите превземени мерки за справување со економската криза кај нас. Не ја заборави и  посветеноста која се бара од сите нас за напредокот на државава. Мерката (ни) е земана. Јас и мојата брзоплетост…. и јас сум  Македонија….

 Во духот на Илинденците, деновиве имавме уште една демонстрација на придобивките од еднаквоста за која се избориле нашите предци. Со само 5 години стаж на одредена функција, можеш да добиеш доживотна пензија во висина на редовната плата за истата функција. Согласно законот за ПИО, член 17, осигурениците се стекнуваат со право на пензија кога ќе наполнат 64/62 години и висината на истата им се пресметува по член 33 од истиот закон.  Ама тоа важи само за оние кои работат „обични“ професии. Си имаме ние и „необични“, за кои важат сосем други закони. Така, по 5 години макотрпно претседателствување со државава, стануваш работонеспособен за било што друго и заслужено ти следува доживотна пензија. И додека сите обични пензионери играат шах во парк, овие другиве си играат водење партија. Речиси исто, зарем не? Ионака,  СЕКОЈ може да се кандидира за претседател на државава. Зезанцијата е што и СЕКОЈ може да биде избран.  А државата во зависност од тоа колку бивши претседатели има – ќе исплаќа толку редовни плати за нив. Уставниот суд, иначе ептен агилен, одмора.

 А актуелниот претседател го покоси сезонава на одмори. Тешко се справува со жешково. Башка со непотполен инвентар во својот кабинет. Изгледа само пенкалото му останало, па не го испушта од рака. Сирот, веќе не знае ни што потпишува. Сигурно ги има испотпишано и сликите во својот кабинет. Му подметнале. Не му е лесно и нему. И, ај речи дека после 5 години не му следува доживотна претседателска пензија на човеков?

Еден афоризам  вели – за да се сфати реалноста, потребна е фантазија.

Ете, ма колку и да сака човек да биде концизен – џабе му е со ваков материјал!  На крај пак се сведува на онаа ученичката мака: Учи, учи – глава бучи… 

Next Page »

WPMU Theme pack by WPMU-DEV.